Брендот е често највредниот имот на еден бизнис — во него се вложени години работа, маркетинг и доверба на клиентите. А сепак, голем број компании во Северна Македонија работат со правно незаштитен бренд. Тоа значи дека секој може да регистрира идентичен или сличен знак и да ве принуди вие да го менувате името на сопствениот бизнис.
Што може да се заштити како трговска марка?
Трговска марка е секој знак што може графички да се прикаже и што е подобен за разликување на вашите производи или услуги од оние на другите: збор, лого, комбинација на букви и бои, тродимензионална форма, па дури и слоган. Заштитата се стекнува со регистрација пред Државниот завод за индустриска сопственост (ДЗИС).
Постапката, чекор по чекор
- Претходно пребарување — пред поднесување проверуваме дали веќе постои идентична или слична регистрирана марка. Овој чекор спречува одбивање и непотребни трошоци.
- Класификација — производите и услугите се распоредуваат по меѓународната Ничанска класификација. Погрешна класификација значи заштита која не го покрива вашиот вистински бизнис.
- Поднесување пријава до ДЗИС — со датумот на поднесување се стекнува право на првенство.
- Формално и суштинско испитување — Заводот проверува дали знакот ги исполнува законските услови.
- Објава и можен приговор — по објавата, трети лица можат да поднесат приговор во законскиот рок.
- Регистрација — марката се запишува во регистарот и важи 10 години, со можност за неограничено обновување.
Зошто преку овластен застапник?
Управната постапка за заштита на правата од индустриска сопственост бара посебни познавања — на домашното, странското и меѓународното право. Странските физички и правни лица не можат самостојно да се појават како странки пред Заводот: своите права ги остваруваат исклучиво преку регистриран застапник за индустриска сопственост.
Улогата на застапникот е особено значајна и при судска заштита на правата — кога некој ја повредува вашата марка, стручното застапување директно влијае на ефикасноста и исходот на постапката.
А надвор од Македонија?
Македонската регистрација важи само на територијата на Северна Македонија. За извозно ориентирани бизниси, преку Мадридскиот систем може со една меѓународна пријава да се бара заштита во преку 130 земји — значително поевтино од поединечни национални пријави.
Заштитете го вашиот бренд навреме
Dimov & Partners е овластен застапник за заштита на права од индустриска сопственост повеќе од 12 години. Ја водиме целата постапка за вас — од пребарување до регистрација и одбрана на марката.
Закажете консултација